Uncategorized

За жената и обврската да носи шминка на работно место

Јас сум жена која сака шминка. Ја сакам кај себе, кај други девојки, на рафтови по продавници. Ја сакам затоа што знам дека можам да посегнам кон несесерот во секој момент и да си ја нанесам. Кога сакам, на начин на кој што сакам. Тоа е мој избор.

Денес добив повик во кој една моја пријателка вознемирено ми соопшти дека на нејзиното работно место добила усмен налог дека мора секојдневно да носи шминка бидејќи работи со клиенти. Бидејќи така било пристојно, бидејќи сите сакале да гледаат убаво лице. Тоа било дел од новиот дрес код.  Ја прашав кои се последиците доколку не постапи по налогот,  ми рече дека работодавачот нема да биде среќен. Во земја каква што е Македонија, среќата и доброто расположение на работодавците значат сè. Тие се предуслов за тоа дали ќе добиете унапредување, повисока плата, бонус за добро завршена работа и малку подолга работна пауза.

Мојата пријателка е адвокатка и работи во адвокатска канцеларија. Доколку не знаете како изгледа да работите во адвокатска канцеларија, со задоволство ќе ви објаснам бидејќи и самата скоро четири години бев дел од една. Во адвокатска канцеларија е важна брзината и вештината со која мора да работите, процесирате информации, застапувате, разговарате со клиентите. Адвокатските канцеларии работат за клиентите. Вашиот клиент во вас гледа спас од многу маки и непотребни давачки. На вашиот клиент му е важен вашиот мозок и вашата способност за убедување. А тие не можат да бидат нашминкани.

Додека работев во адвокатска канцеларија ми беше потенцирано дека првиот впечаток е најважен. Дека судиите сакаат насмеани и културни луѓе кои изгледаат спастрено. Толку. Никаква шминка, никаков особен дрес код. Се беше оставено на моја лична проценка. Понекогаш носев шминка, понекогаш не. Имав задоволни клиенти кои и во деновите кога не носев шминка не сметаа дека моето лице не е убаво. Или барем никогаш не се пожалиле за тоа.

Оттаму, повикувањето дека шминката е пожелна затоа што клиентите сакаат да гледаат убаво лице е сосема погрешно. Истовремено, во ситуација кога на никој од незјините машки колеги не им е наложено да се шминкаат, тоа е дискриминација. Нашиот Устав забранува дискриминација по основ на пол. Доколку мојата пријателка како резултат на нејзиното одбивање да се нашминка не добие покачување, а нејзиниот машки колега добие, тоа е основ за тужба.

Имајќи го сето ова на ум, направив мало истражување на интернет, да видам каква е праксата и во другите земји затоа што резултатите од пребарување на македонски: дали вашиот работодавач има право да ви наложи да носите шминка на работно место? извадија совети за тоа како да се нашминкате на вашето работно место. Она што за мене беше најинтересно од пребарувањето беше концептот на bona fide occupational qualifications. Овој концепт претставува слобода на работодавците при вработување на лица да земаат предвид и други карактеристики кои во други случаи би се сметале за дискриминација. Имено, ако носењето шминка за одредена работна позиција се смета за неопходно, тогаш согласно овој концепт, работодавачот може да наложи да биде спроведено.

Во случајот со мојата пријателка, таа неопходност не постои, имено, адвокатка не мора да биде нашминкана за да ја врши својата работа. Уште повеќе, Кодексот за професионална етика на адвокатите, како збир на начела според кои треба да се водат адвокатите при вршењето на својата работа, на ниту едно место не наведува дека адвокатките треба да исполнуваат било какви дополнителни услови од оние наведени во него. А таму шминка не се споменува.

Во една ваква ситуација, повеќе од потребно е да се реагира на овие негативни трендови и да не се дозволи тие да станат дел од вообичаеното однесување. Секое пренагласување на надворешниот изглед на жената прави дополнителна нејзина објектификација кое на никој начин не придонесува кон подигнување на нивото на професионалност во работната средина. На крајот на краиштата, добро завршена работа е добро завршена работа. Сè друго е чиста шминка.